14/06/2026

Пчеларите од Македонска Каменица го одбележаа Св. Харалампиј со засадување 500 садници кај Рудник САСА

ekokammed

Пчеларското здружение „Еко Кам Мед“ од Македонска Каменица го одбележа патрониот празник Св. Харалампиј, заштитник на пчеларите и пчелните семејства, со традиционална програма посветена на пчеларството и природата.

На почетокот на денот, присутните се соборија пред храмот „Успение на Пресвета Богородица“ за Света литургија, упатувајќи молитви за здравје, бериќет и успешна пчеларска година.

e3d6a65b e587 4235 a551 8b9e2240aaac

Како дел од активностите, кај Рудник САСА беа засадени 500 нови садници, со што се истакна посветеноста на здружението и локалната заедница кон заштитата на животната средина и унапредувањето на условите за пчеларството.

На настанот присуствуваше и градоначалничката Соња Стаменкова, која во поздравниот говор ја потенцира важноста на пчеларството за локалната економија и како чувар на биодиверзитетот. Таа потврди дека општината ќе продолжи да ја поддржува секоја иницијатива што промовира одржлив развој, заштита на природата и зачувување на традицијата.

По засадувањето на садниците, Рудник САСА донираше медоносни садници за сите членови на здружението, со цел дополнително зајакнување на медоносниот фонд и создавање подобри услови за развој на пчелните семејства.

Со оваа активност, пчеларите од Македонска Каменица уште еднаш ја потврдија својата посветеност кон природата, заедницата и долготрајната пчеларска традиција во регионот.

ccde611f dad4 4240 8cbc 4e7f1d2fd83d