14/06/2026

Загрижувачки податоци: Речиси секој трет човек во светот страда од главоболки, жените погодени двојно повеќе

Главоболките и мигрените претставуваат сериозен здравствен проблем на глобално ниво, а според најновите истражувања, речиси секој трет човек во светот се соочува со вакви проблеми, што значи дека се засегнати близу 3 милијарди луѓе.

Научниците предупредуваат дека состојбата е особено загрижувачка кај жените, кои во текот на животот имаат двојно повеќе здравствени проблеми поврзани со главоболки во споредба со мажите.

publicdomainpictures ache 19005

Истражувачката Ивон Сју од Институтот за здравствени метрики и евалуација при Универзитетот во Вашингтон посочува дека жените почесто и подолго време се соочуваат со главоболки, поради што имаат и значително поголем степен на ограничување во секојдневното функционирање.

Во рамки на студијата биле анализирани податоци од околу 42.000 лица од 18 земји, со цел да се утврди глобалниот здравствен товар предизвикан од главоболките во текот на 2023 година.

Резултатите покажале дека главоболките се наоѓаат на шестото место меѓу причините за инвалидитет, со стапка од 542 години живот поминати со здравствени ограничувања на секои 100.000 жители.

Кај жените состојбата е уште поизразена – регистрирани се 740 години поминати со инвалидитет на 100.000 жени, додека кај мажите бројката изнесува 364 години на 100.000 жители.

Истражувачите предупредуваат и на уште еден важен фактор – прекумерната употреба на лекови против болка, која може дополнително да ја влоши состојбата и да предизвика т.н. главоболки предизвикани од прекумерна употреба на медикаменти.

Според студијата, овој проблем учествувал со речиси 23 проценти од случаите кај мажите со мигрена, како и 14 проценти кај жените.

Водечкиот истражувач Андреас Катем Хусеј од Норвешкиот универзитет за наука и технологија нагласува дека голем дел од товарот предизвикан од главоболките може да се намали преку подобар пристап до здравствени услуги, особено во земјите со поограничени ресурси.

Експертите сметаат дека подобрата превенција, раната дијагностика и соодветното лекување би можеле значително да го подобрат квалитетот на живот на милиони луѓе ширум светот.