21/06/2026

Колку сон ни е навистина потребен? Ново истражување открива „златна средина“ за поздраво стареење

Ако сакате да стареете поздраво, можеби е време да обрнете повеќе внимание на тоа колку спиете. Ново истражување објавено во престижното научно списание „Nature“ покажува дека оптималното времетраење на сонот за минимално биолошко стареење изнесува меѓу 6,4 и 7,8 часа дневно.

Истражувачите утврдиле дека и премалку и премногу сон можат да бидат поврзани со забрзано стареење на организмот. Спиењето помалку од шест часа дневно се поврзува со побрзо стареење на мозокот, белите дробови, срцето и имунолошкиот систем. Од друга страна, повеќе од осум часа сон било поврзано со забрзано стареење на речиси сите органи.

Тимот научници, предводен од Џунхао Вен од Универзитетот Колумбија, користел напредни статистички модели, познати како „часовници на стареење“, со чија помош го проценувале биолошкото стареење на поединечни органи. Резултатите покажале дека различни органи можат да стареат со различно темпо, дури и кај иста личност.

manbob86 break 4491207

Сепак, научниците предупредуваат дека овие наоди не значат дека времетраењето на сонот директно го забрзува или забавува стареењето. Премалку или премногу сон може да биде показател за постоење други здравствени проблеми.

Според експертите, долгиот сон понекогаш може да биде поврзан со состојби како апнеја при спиење, воспалителни заболувања, невродегенеративни нарушувања или проблеми со менталното здравје. Во исто време, хроничниот недостиг на сон одамна се поврзува со зголемен ризик од дебелина, дијабетес тип 2, висок крвен притисок, срцеви заболувања, депресија и анксиозност.

Истражувањето покажало и дека на жените можеби им се потребни од 10 до 20 минути повеќе сон во однос на мажите, што научниците го поврзуваат со хормоналните промени, менструалниот циклус, бременоста и менопаузата.

Неврологот Крис Винтер посочува дека просекот од околу седум часа сон може да биде пореална и поздрава цел отколку долго прифатената препорака за задолжителни осум часа, нагласувајќи дека потребата за сон е индивидуална и зависи од возраста, генетиката и начинот на живот.