
Со користење на најнови топографски карти, сателитски снимки, дигитални модели на релјеф и специјализиран ГИС софтвер, направена е детална анализа на надморската височина на градовите во нашата држава. Резултатите носат навистина интересни сознанија за нивната поставеност и топографска структура.
Од вкупно 34 градови, само два – Гевгелија и Богданци – се наоѓаат под 100 метри надморска височина. На спротивниот крај од скалата е Крушево, единствениот град кој целосно лежи над 1000 метри надморска височина. Со просечни 1220 метри, Крушево е убедливо највисокиот град во Македонија, а неговите највисоки делови достигнуваат речиси 1300 метри – што е повеќе и од висината на планината Водно (1066 м).
Пехчево се наоѓа во висински распон од 960 до 1050 метри, што го прави втор меѓу највисоките градови, но сепак не целосно над 1000 метри.
Генералниот тренд покажува дека надморската височина на градовите се зголемува движејќи се од излезните долински делови на Вардар, Струмица и Црни Дрим кон нивните горни, изворишни подрачја и притоки.
Најголем број градови (дури 10) се наоѓаат помеѓу 600 и 700 метри надморска височина. Од демографски аспект, најголема концентрација на население има во трите града што лежат помеѓу 200 и 300 метри.
Интересен е и податокот за висинските разлики во рамки на самите градови. Така, Скопје има висинска разлика од 155 метри, Крушево, Кратово и Велес околу 130 метри, додека Струга има само 4 метри разлика, а Гевгелија и Демир Капија околу 30-тина метри. Сепак, земајќи ја предвид површината, најизразена релјефна динамика имаат Крушево и Кратово, што е видливо и во нивната урбана физиономија.
Поголемите висински разлики најчесто се должат на положбата на градовите покрај ридско-планински падини. Целосно рамничарски градови речиси и да нема, со исклучок на Струга и делумно Гевгелија.
Во прилог на анализата е изработена и табела со детални податоци за надморската височина на сите 34 града во Република Македонија.







