Во утринските часови од денешниот ден, четврток (8 јануари 2026 година), Македонија е под влијание на продор на студен воздушен бран од север, поради што врнежите постепено преминуваат во снег, а снежната покривка се проширува на сè повеќе подрачја.
Најинтензивни снежни врнежи се бележат во западните предели на земјата, каде што снежната граница континуирано се спушта. Во наредните часови, врнежите од дожд ќе преминат во снег и во останатите делови од Македонија, при што ќе започне формирање на снежна покривка.
Во повисоките населени и планински места се очекува снежна покривка со висина од 10 до 15 сантиметри, а локално таа може да достигне и над 20 сантиметри.
Во градските подрачја, пак, се прогнозира снежна покривка од 5 до 10 сантиметри.

Покрај снегот, времето ќе биде проследено и со засилен до повремено силен ветер од западен и северозападен, а подоцна и од северен правец. Локално, брзината на ветерот може да надмине 60 километри на час, што дополнително ќе го зголеми чувството на студ.
❄️ Послаби врнежи од снег се очекуваат и во Скопје и околината, каде исто така ќе дува повремено засилен ветер од северен и северозападен правец.
🌡️ Температурите во текот на денот ќе се движат во интервал од 0 до 7 степени Целзиусови, додека во Скопје и околината максималната температура ќе достигне околу 3 до 4 степени. На повисоките населени и планински места температурите ќе останат под нулата и во текот на денот.
Граѓаните се повикуваат на внимателност при движење, особено во планинските и повисоките подрачја, поради можни отежнати услови на патиштата.




