14/06/2026

ТППЕ Македонска Каменица доби пет нови изолациони (дишни) апарати „Дрегер“, до крајот на годината следува набавка на дополнителна опрема и средства за потребите на единицата

Територијалната противпожарна единица во Македонска Каменица доби пет нови изолациони (дишни) апарати од светски реномираниот производител „Дрегер“, во рамки на инвестициите за подобрување на условите за работа и безбедноста на пожарникарите.

Blank 6 Grids Collage 1

По повод испораката беше одржана и практична демонстрација на користењето на новата опрема, која е обезбедена преку компанијата „Армор Плус“ од Скопје. Вредноста на набавката изнесува 585.000 денари со вклучен ДДВ.

На настанот присуствуваше градоначалничката на Општина Македонска Каменица, Соња Стаменкова, која истакна дека вложувањето во противпожарната заштита претставува директна инвестиција во безбедноста на граѓаните и во подобрување на условите за работа на пожарникарите.

Новите апарати ќе овозможат поголема заштита и сигурност при интервенции во објекти исполнети со чад и во други високоризични ситуации, каде што брзата и ефикасна реакција е од особено значење.

Од Општина Македонска Каменица информираат дека поддршката за ТППЕ продолжува и во наредниот период. До крајот на годината е предвидена набавка на дополнителна опрема за потребите на единицата, со цел понатамошно унапредување на нејзините оперативни капацитети.

Со оваа инвестиција, ТППЕ Македонска Каменица добива современа опрема која ќе придонесе за поголема безбедност на пожарникарите и поефикасна заштита на граѓаните и нивниот имот.