14/06/2026

Баскет Кам 2011 го освои Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“ – четврта титула во последните шест сезони!

bk trofej

Во големото финале на 34. издание од завршниот турнир на Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“, кошаркарките на Баскет Кам 2011 славеа победа над големиот ривал Крива Паланка со 74:68 и уште еднаш потврдија дека се вистински шампионски тим.

Она што го изградија во првото полувреме, избраничките на Баскет Кам умешно го одбранија во вториот дел, иако противникот во финишот се доближи на само шест поени негатива. Сепак, повеќе од тоа не успеа.

Финалето започна со целосна доминација на тимот од Македонска Каменица. Во првите десет минути Баскет Кам дозволи само седум поени на противникот (17:7), благодарение на цврстата одбрана и расположената офанзива предводена од Кметовска, Димова и Поп-Димитровска.

На стартот од втората четвртина, по тројките на Поп-Димитровска и Димова, предноста порасна на 23:9. Димова блескаше со одлична реализација, а на средината од периодот резултатот гласеше 34:18, при што таа веќе имаше 16 поени (4/4 за три поени). Највисоката предност во првиот дел изнесуваше 38:20, а на полувреме се замина со сигурни 42:27 за Баскет Кам.

3ea005cb 6ff6 4b34 b2f9 f8bdbd774b00

И во третиот период тимот од Македонска Каменица продолжи во ист ритам и стигна до +21 (52:31). Кметовска беше доминантна со 24 поени и девет скока, додека Поп-Димитровска и Димова дадоа силен придонес во нападот.

Сепак, Крива Паланка не се предаде. По три одиграни четвртини резултатот беше 56:45, а во последната четвртина противникот се доближи и на 59:65. Во клучните моменти, капитенот Поп-Димитровска погоди значајна тројка за 72:64 на нешто повеќе од две минути до крајот, со што практично го реши победникот.

До последниот звук на сирената, Баскет Кам ја сочува предноста и заслужено стигна до победничкиот пехар.

Кметовска натпреварот го заврши со 24 поени и девет скока, Димова и Поп-Димитровска постигнаа по 16, а Адамовска додаде 12 поени. Кај Крива Паланка, Робинсон беше најефикасна со 30 поени, Ниехуес постигна 15, а Грин 11.

Со оваа победа, Баскет Кам 2011 ја освои својата четврта куп-титула во последните шест сезони, потврдувајќи ја својата доминација во македонската женска кошарка.

bk 1