14/06/2026

Почина 75-годишна пациентка од компликации од грип, состојбата на Инфективната клиника сериозна

woman 698974 1280

На Клиниката за инфективни болести во Скопје почина 75-годишна пациентка како последица на компликации предизвикани од грип. Според информациите од клиниката, станува збор за пациентка со повеќе хронични заболувања, која не била вакцинирана против сезонски грип.

Директорот на Клиниката за инфективни болести, д-р Фадил Цана, потврди дека кај пациентката лабораториски била дијагностицирана инфлуенца А.

„Се работи за возрасна пациентка на 75 години кај која лабораториски е потврдена инфлуенца А и која имала повеќе коморбидитети“, изјави д-р Цана.

Тој информира дека состојбата на Клиниката останува сериозна. Во моментов, уште двајца пациенти се во критична состојба и се приклучени на апарати за механичка вентилација, додека неколкумина се на кислородна поддршка.

Во Клиниката за инфективни болести моментално се хоспитализирани вкупно 25 пациенти, најголем дел повозрасни лица. Според лекарите, тие се задржани на болничко лекување поради компликации од вирусот на грип, пред сè со изразено респираторно засегање.

„Пациентите се хоспитализирани затоа што при преглед кај нив е утврдено дека имаат компликации од вирусот на грип, најчесто со респираторни проблеми“, појаснува д-р Цана.

Според последните податоци на Институтот за јавно здравје, само во првата недела од оваа година во земјава се регистрирани 1.725 случаи на грип, што укажува на зголемена активност на вирусот.