14/06/2026

Снег и заладување од ноќта кон среда!

planinski sneg

Под влијание на циклонска активност и на влажна воздушна маса од Медитеранот, поврзана со продор на ладен воздух од север и североисток на европскиот континент, ноќта од вторник кон среда, како и во текот на среда (21 јануари), во Македонија од југозапад ќе се прошират врнежи.

Врнежите во најголем дел ќе бидат од снег, а пообилни се очекуваат во јужните и западните предели, каде ќе дојде до формирање и зголемување на снежната покривка. На повисоките и на планинските места снежната покривка дополнително ќе се зголеми.

Во западните и јужните делови, и во градските средини, се очекува снежна покривка со висина од 5 до 10 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец.

Во Скопје и околината се очекуваат врнежи со слаб до умерен интензитет, кои ќе бидат од дожд и снег или влажен снег, додека на повисоките места и на планините врнежите ќе бидат исклучиво од снег. Повремено ќе засилува и југоисточниот ветер.

Температурите во среда (21 јануари) наутро ќе се движат од -7 до 1 степен, а преку денот од -2 до 6 степени. Во Скопје утринската температура ќе се спушти до околу -3 степени, додека дневната ќе достигне околу 3 степени.

Поради очекуваните снежни врнежи, се апелира на внимателно управување со возилата, особено при движење низ планинските превои, каде поради ниските температури можна е појава на голомразица.