14/06/2026

ПРОТЕСТ НА ПРЕВОЗНИЦИТЕ: ТОВАРНИОТ СООБРАЌАЈ КОН ЕУ СЕ БЛОКИРА 7 ДЕНА

canada 784392 1280

Точно напладне, превозниците од Македонија, Србија и Босна и Херцеговина започнуваат со блокада на граничните премини кон Европската Унија, со што ќе биде прекинат товарниот сообраќај.

Според најавите, повеќе од 300 камиони ќе ги затворат товарните терминали на граничните премини: Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блато и Блаце, додека граничниот премин Табановце – Прешево ќе биде затворен од српска страна.

Од надлежните информираат дека останатите гранични премини ќе функционираат непречено, што значи дека граѓаните ќе можат слободно да ги минуваат границите.

🔴 Причина за блокадите

Блокадите се реакција на воведувањето на новиот систем за влез и излез (ЕЕС) на Европската Унија и шенген-зоната. Превозниците бараат решение за проблемот со евиденцијата на престојот во шенген-зоната, кој моментално се пресметува според правилото 90/180 дена, што сериозно го ограничува работењето на професионалните возачи.

kamioni kolona

Според најавите, блокадите ќе траат 7 дена, колку што трае еден циклус на транспорт на стока, но доколку ЕУ прифати решение, протестите ќе бидат веднаш прекинати. Поддршка на протестот најавија и превозници од други земји од регионот, како и од Турција.

🗣️ Реакции

Генералниот секретар на „Макам-транс“, Билјана Муратовска, предупреди дека новите правила може да предизвикаат целосен колапс на економијата во Македонија и регионот, поради прекин на синџирите на снабдување.

Став со сериозна загриженост изнесе и претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, кој истакна дека новите правила ќе имаат многу негативно влијание врз бизнисот, а реакциите се очекува да се прошират и во други погодени земји.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски порача дека Владата целосно ги разбира превозниците и предупреди дека зголемување на цената на транспортот за 3 до 5 проценти би ги направило македонските производи неконкурентни на европскиот пазар.

Од Европската комисија, пак, посочуваат дека со системот ЕЕС не се воведуваат нови правила, туку се засилува контролата на постојните одредби за престој во шенген-зоната.