Традиционалната манифестација „Бабина баница 2026“, во организација на Здружението на пензионери од Македонска Каменица, ќе се одржи на 26 јули 2026 година, со почеток во 10:00 часот, во туристичко-манастирскиот комплекс Еленец во село Цера, кај манастирот „Покров на Пресвета Богородица“.

Под мотото „Традиција што нѐ зближува“, манифестацијата и оваа година ќе ги обедини љубителите на традиционалната македонска кујна, културата и дружењето.
Настанот е отворен за сите граѓани и гости, а програмата ќе се реализира во три дела:
- Културно-уметничка програма,
- Кулинарски дел со месење, сукање и печење на баница под вршник,
- Забавен дел.
Целта на манифестацијата е зачувување и промоција на традиционалните вредности, народните обичаи и кулинарското наследство, како и поттикнување на меѓугенерациското дружење и заедништво.
Настанот се организира од Здружението на пензионери Македонска Каменица, во соработка со Општина Македонска Каменица и КИЦ „Романса“ Македонска Каменица.
Организаторите ги покануваат сите граѓани да бидат дел од оваа традиционална манифестација и заедно да уживаат во вкусот на домашната баница, културната програма и убавините на Еленец.






