13/10/2026

ДВАЈЦА ВОЗАЧИ ОД МАКЕДОНСКА КАМЕНИЦА ЛИШЕНИ ОД СЛОБОДА ПОРАДИ ВОЗЕЊЕ ПОД ДЕЈСТВО НА АЛКОХОЛ

Двајца возачи од подрачјето на Македонска Каменица се лишени од слобода поради управување возило под дејство на алкохол, информира Министерството за внатрешни работи.

Станува збор за Г.И. (31) од село Дулица, Општина Македонска Каменица и О.В. (27) од Македонска Каменица.

Тие се меѓу 21 возач кои во текот на изминатото деноноќие биле лишени од слобода на различни локации во државата поради сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“ по член 297-а од Кривичниот законик. Со уште едно лице бил извршен службен разговор.

Двајца возачи од Македонска Каменица лишени од слобода поради алкохол

Според МВР, од евидентираните случаи 10 лица управувале возило без положен возачки испит, додека 10 возачи биле затекнати како управуваат под дејство на алкохол. Меѓу нив се и двајцата возачи од подрачјето на Македонска Каменица.

Еден од останатите евидентирани случаи се однесува на управување возило со активна забрана за управување.

По целосно документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

Од МВР апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит, со изречена забрана за управување или под дејство на алкохол и со одговорно однесување да придонесат за побезбеден сообраќај.

Извор: МВР