
Во Македонска Каменица ќе започне изградба на ново детско игралиште на улицата „Методи Андонов Ченто“, на локалитетот Горна Река. Проектот е насочен кон подобрување на условите за игра и рекреација на најмладите жители на општината.
Како што информира градоначалничката Соња Стаменкова преку објава на социјалните мрежи, новото игралиште ќе биде современо уреден простор наменет за безбедна игра, дружење и детска радост.
„Продолжуваме со уредување на просторот и создавање подобри услови за најмладите во Македонска Каменица. Грижата за децата и создавањето современи и безбедни места за игра останува еден од нашите приоритети. Со ваквите проекти инвестираме во поквалитетно секојдневие за семејствата и во посреќно детство за најмладите“, истакна Стаменкова.
Од Општина Македонска Каменица посочуваат дека со реализацијата на ваквите проекти се продолжува со унапредување на урбаното живеење и создавање поквалитетна средина за граѓаните.






