
Започнаа врнежите од дожд и од снег низ Македонија, под влијание на циклонот кој се формираше над Јонското Море и јужниот дел на Јадранот. Во моментов, врнежи се бележат во поголемиот дел од државата – во градовите претежно врне дожд, додека во повисоките населени места, на планините и на скијачките центри врне снег, каде владее вистинска зимска идила.
Според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), заклучно до 7 часот утринава, најмногу дожд наврнал во Гевгелија – 12 литри на метар квадратен. Најниска температура е измерена на Попова Шапка и изнесува -4 степени, додека најтопло било во Гевгелија со измерени 7 степени.
Во текот на денешниот ден снежната граница ќе се спушта, па врнежи од снег се очекуваат и во дел од градовите, особено во западните, северните и источните предели од Македонија. Причина за тоа е дополнителното продирање на постуден воздух од север.
Надлежните апелираат до возачите да бидат особено внимателни поради најавените нови врнежи од снег, особено при движење низ планинските превои.





