Македонска Каменица на 9 август ќе биде домаќин на големата прослава по повод Денот на дијаспората, која годинава доаѓа со нов и модерен концепт и повеќе од шест часа разновидна програма.
Настанот ќе се одржи на главната улица „Александар Македонски“, каде посетителите ќе можат да уживаат во содржини за сите генерации.
Во музичкиот дел од програмата ќе настапат Софија Манева и К4 Бенд, додека завршницата е резервирана за настап на еден од најпопуларните македонски диџеи.

Организаторите најавуваат богата програма која ќе вклучува активности за деца, фолклорни настапи, видео пораки од иселеници од различни земји, како и презентација на инвестициските можности и развојните приоритети на Општина Македонска Каменица.
Денот на дијаспората традиционално претставува можност за средба на иселениците со своите сограѓани, но и простор за промоција на потенцијалите на општината пред пошироката јавност.
Повеќе детали за програмата ќе бидат објавени во наредниот период.





