14/06/2026

Мартина Димоска од Кичево – првата жена од Балканот меѓу аналогните астронаути

Изолирани бази, ограничена комуникација и постојано тестирање на човечките и технолошките граници – ова не е научна фантастика, туку секојдневието на аналогните астронаути. Меѓу нив е и Мартина Димоска од Кичево, првата жена од Балканот што учествува во реалистични симулации на вселенски мисии на Земјата.

Во рамки на овие мисии се тестираат технологии, оперативни процедури и човечки перформанси во услови слични на оние на Месечината или Марс. Аналогните астронаути изведуваат EVA активности, научни експерименти и носат клучни одлуки под висок притисок.
„Овие мисии овозможуваат безбедно тестирање на сценарија кои во реална вселенска мисија би можеле да бидат кобни“, вели Димоска.

martina ezgif.com webp to jpg converter

Пат без кратенки

Кариерата на Мартина се гради без институционална поддршка од држава со вселенска агенција. Секој чекор го постигнува со самофинансирање, дисциплина и постојана надградба. Денес таа е Senior NASTAR амбасадор, NAUI сертифициран нуркач, со Analog Mission Training и NASTAR сертификација.

Нејзиното образование опфаќа дипломски студии на УКИМ, магистратура на International Space University во Франција и постдипломски студии на Florida Institute of Technology во САД.
„Ништо не дојде лесно, но секоја жртва вредеше“, истакнува таа.

Поглед нанапред, со корени дома

И покрај ангажманите во странство, Мартина останува поврзана со Македонија. Нејзина визија е создавање на првата современа опсерваторија и лабораторија за вселенски науки во Западна Македонија, отворена за млади и љубопитни умови.

Преку проектот „A small patch for man, a big one for our history books“, македонското знаме во 2024 година ја премина Кармановата линија со лет на Blue Origin. Таа е и коосновач на Граѓанско-научната космичка агенција на Македонија (ГНКА).

Со добиената EB-1A зелена карта, Димоска денес работи како консултант во американскиот вселенски сектор и соработува со институции со партнерства со NASA, со фокус на човечки вселенски летови.

„Географијата не смее да биде граница за соништата. Патот е долг, но можен“, порачува Мартина.