14/06/2026

„Југо“ се враќа: Новиот модел ќе чини околу 12.000 евра и ќе троши само 2,2 литри на 100 километри

Легендарниот југословенски автомобилски бренд „Југо“ повторно се враќа на пазарот, речиси две децении по прекинот на производството.

По минатогодишното претставување на новиот дизајн во Минхен, новиот сопственик на брендот, Александар Бјелиќ, откри дополнителни детали за идниот модел на автомобилската конференција „SEE Automotive“ во Белград.

Според информациите објавени од медиуми во Германија, Австрија и Србија, новото „Југо“ ќе биде достапен автомобил со хибриден погон и ќе биде наменет за купувачи кои бараат економично и практично возило по прифатлива цена.

avtomobil upscaled 4x

Најавената почетна цена ќе изнесува околу 12.000 евра, што би го направило еден од најевтините нови автомобили на европскиот пазар.

Новиот модел ќе користи хибриден систем со технологија „range extender“. Кај овој систем, моторот со внатрешно согорување претежно ќе служи како генератор за производство на електрична енергија, додека погонот ќе биде електричен.

Ова решение овозможува автомобилот да не зависи од мрежа на полначи и да нема потреба од надворешно полнење со кабел.

Според првичните најави, потрошувачката во идеални услови би можела да изнесува само 2,2 литри гориво на 100 километри.

Дизајнот останува верен на концептот претставен во Минхен, а зад неговиот изглед стои дизајнерот Дарко Марчета.

Првиот функционален прототип на новото „Југо“ се очекува да биде претставен на „Експо 2027“ во Белград, додека засега не е познато каде ќе се одвива сериското производство. Поранешната фабрика „Застава“ во Крагуевац денес е во сопственост на автомобилскиот гигант „Стелантис“.