14/06/2026

Елафониси на Крит – најдобра плажа во Европа за 2026 според Tripadvisor

Со песок во боја на шеќерна волна, кристално чиста вода и рекорден број рецензии оценети како „над сите очекувања“, плажата Елафониси се искачи на врвот на листата Travelers’ Choice Awards.

Според анализата што ја пренесува онлајн медиумот Time Out, токму високата стапка на воодушевени посетители ѝ ја донела титулата најдобра плажа во Европа за 2026 година.

Розов песок и тиркизно море

Елафониси (Elafonissi Beach) се наоѓа на југозападниот дел од островот Крит и важи за една од најфотогеничните плажи во Медитеранот. Нејзиниот речиси надреален пејзаж се создава кога тиркизното море ги заплискува широките појаси од розов песок.

Карактеристичната боја е резултат на ситно издробени школки и микроорганизми со црвен пигмент, донесени од коралните гребени и измешани со белиот песок под влијание на плимата.

publicdomainpictures beach 218859 1280

Посетителите можат да ја планираат прошетката за време на осека, кога се појавува песочен премин што го поврзува Крит со малото островче Елафониси, или да поминат низ плитката вода за да стигнат до помирните и поскриени заливи.

Поради сè поголемата популарност, се препорачува посетата да биде надвор од шпицот на туристичката сезона.

Од светски врв до европска доминација

Интересно е што во 2025 година Елафониси беше прогласена не само за најдобра во Европа, туку и во светот. Сепак, според онлајн платформата Tripadvisor, светската титула за 2026 година ѝ припадна на Isla Pasión во Мексико.

И покрај тоа, Крит останува доминантен на европската листа, со дури три плажи меѓу првите десет.


Топ 10 плажи во Европа за 2026 според Tripadvisor:

  1. Елафониси, Крит, Грција
  2. Лагуна Балос, Крит, Грција
  3. Праја да Фалезија, Ољош де Агуа, Португалија
  4. Ла Пелоса, Сардинија, Италија
  5. Фаласарна, Крит, Грција
  6. Платја де Муро, Мајорка, Шпанија
  7. Палеокастрица, Крф, Грција
  8. Спјаџа деј Кониљи, Лампедуза, Италија
  9. Плаја де Маспаломас, Гран Канарија, Шпанија
  10. Плаж де Паломбажа, Порто-Векио, Франција

Европа и оваа година потврдува дека нејзините плажи можат рамноправно да се натпреваруваат со најегзотичните светски дестинации.