14/06/2026

Студенти, побрзајте: рокот за субвенциониран оброк истекува на 5 март

ritae loaf 2796393 1280

Студентите имаат рок до 5 март да аплицираат за субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година, информира Министерството за образование и наука.

Правото на субвенциониран студентски оброк можат да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето-плата. Истото важи и за студентите запишани на постдипломски и интегрирани студии на државните и приватните универзитети во земјава.

Од Министерството појаснуваат дека студентите што ги исполнуваат условите, а досега не аплицирале, можат електронски да поднесат барање преку порталот:

https://e-uslugi.mon.gov.mk

На порталот се достапни и сите критериуми за остварување на правото, како и контакти за поддршка при процесот на аплицирање.

Можност за повторно аплицирање имаат и студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, доколку сметаат дека ги исполнуваат условите. Рокот важи и за оние кои не поднеле апликација во претходните активни рокови.

Од Министерството апелираат студентите навреме да ја поднесат апликацијата за да не го пропуштат рокот.