
По стартниот и очекуван пораз од фаворитот Данска, македонската ракометна репрезентација денеска го игра вториот натпревар на Европското првенство. Противник на „црвено-жолтите“ е селекцијата на Португалија, која во првото коло славеше победа против Романија.
Фаворитската улога ја има Португалија, репрезентација која во последните години бележи забележителни резултати на големите натпреварувања. На последното Европско првенство заврши на седмото место, додека во 2020 година го освои шестото место, што е нивен најдобар пласман во историјата.
И Македонија и Португалија го играат своето деветто Европско првенство. Македонската репрезентација најдобриот резултат го оствари во 2012 година, кога го освои петтото место.
– Ќе се потрудиме да одиграме подобро од првиот натпревар и секако да им го „расипеме“ планот дека ќе се борат за медал – изјави селекторот Кирил Лазаров.
Двете селекции досега имаат одиграно 10 меѓусебни натпревари, сите во рамки на квалификации за Европско првенство. Ова ќе биде нивен прв дуел на големо натпреварување. Последните два меѓусебни меча, одиграни во март 2023 година, ѝ припаднаа на Португалија. Сепак, Македонија во минатото има остварено значајни победи против овој ривал, кои носеле пласман на големи натпреварувања и елиминација на Португалците.
Се очекува и вечерва македонските навивачи да бидат силна поддршка за националниот тим.
Натпреварот се игра во Хернинг со почеток од 18:00 часот.






