14/06/2026

Почина македонскиот актер Кирил Поп Христов – Кили, долгогодишен член на Македонски народен театар

kiril pop hristov kili web

Македонскиот актер Кирил Поп Христов – Кили почина вчера на 58-годишна возраст во Еквадор, каде што живееше од 2014 година.

Кирил Поп Христов – Кили беше актер кој остави значаен белег во македонскиот театар, филм и телевизија. Роден е на 30 јули 1967 година во Скопје, градот во кој го поминал најголемиот дел од својот живот и професионална кариера.

Дипломирал во 1989 година на Факултетот за драмски уметности, на отсекот за актерска игра, во класата на професор Љубиша Георгиевски. По дипломирањето започнал активно да работи во театарот, каде со текот на годините се етаблирал како актер со силно сценско присуство и препознатлив актерски израз.

Од 1993 до 2014 година бил член на ансамблот на Македонскиот народен театар, каде настапил во бројни театарски претстави. Меѓу позначајните се „Ослободување на Скопје“, „Ревизор“, „Народен пратеник“ и други сценски проекти.

Покрај театарската сцена, Поп Христов остави трага и во македонската кинематографија. Публиката го памети по неговите улоги во филмовите „Тетовирање“, „Бал-кан-кан“ и „Панкот не е мртов“.

Неговото заминување претставува загуба за македонската културна сцена, а колегите и публиката ќе го паметат како посветен актер кој со својот талент и работа остави значајна трага во театарот и филмот.