
Осум лица го загубија животот во три одделни лавини што вчера се случија во Австрија, соопштија спасувачките служби и полицијата.
Најтешката несреќа се случила на врвот Финстеркоф (2.150 метри) во долината Гросарл, во федералната покраина Салцбург, каде лавина затрупала седум лица. Според информациите од Планинската спасувачка служба, четворица членови на скијачката група биле пронајдени мртви, додека неколку други лица се здобиле со тешки повреди.
Во посебен случај, една жена загинала во лавина во областа Бад Хофгаштајн. Националноста и возраста на жртвата, како и на повредените во овие несреќи, засега не се соопштени.
Трета лавина се активирала попладнето во Пустервалд, во федералната покраина Штаерска. Седум чешки скијачи се движеле во таа област кога дошло до несреќата, при што тројца од нив го загубиле животот, информира полицијата.
Четири лица кои не биле директно зафатени од лавината биле евакуирани од алпскиот терен од страна на спасувачките екипи и им била укажана итна медицинска помош.
Надлежните апелираат на зголемена претпазливост поради висок ризик од лавини во алпските региони.






