Македонскиот репрезентативец и наш Каменичанец Адријан Мицевски официјално е промовиран како ново засилување на хрватскиот футсал клуб Подстрана, кој неговото доаѓање го оцени како едно од најголемите засилувања во клупската историја.
Мицевски зад себе има импресивна меѓународна кариера. Футсал-патот го започна во Железарец, со кој настапуваше во УЕФА Лигата на шампионите, а подоцна беше дел и од Омонија Никозија.
Особено силен белег остави во Хрватска, каде четири сезони го носеше дресот на МНК Сквер, додека во Германија, настапувајќи во Бундеслигата, ја освои шампионската титула и се вброи меѓу најдобрите играчи во лигата.

Во редовите на Подстрана пристигнува по полусезона мината во Дијамант Линц, целосно подготвен за нови предизвици. Од клубот истакнуваат дека Мицевски ќе донесе искуство, стабилност и победнички менталитет, не само на теренот, туку и надвор од него, каде што се очекува да има значајна улога како лидер и ментор на помладите фудбалери.
Адријан Мицевски е планиран како долгорочно решение на позицијата десен бек и како еден од клучните играчи во реализацијата на спортските амбиции на Подстрана.






