
Ракометната репрезентација на Македонија со настапот на Европското првенство и освоеното 14. место направи значаен исчекор кон подобра позиција во идните натпреварувања.
Победата и ремито против селекциите на Романија и Португалија ѝ донесоа на Македонија важни бодови, кои директно влијаеја врз рангирањето и статусот на нашата селекција во следните квалификациски циклуси.
Благодарение на овој пласман, Македонија се најде меѓу носителите на ждрепката за претстојното Светско првенство, што значи значително поповолно извлекување. Нашата репрезентација на тој начин ги избегна европските ракометни гиганти како Франција, Норвешка, Шпанија и Словенија.
Во рамки на завршните активности на Европското првенство, Европската ракометна федерација (ЕХФ) ги одреди и двојките за бараж натпреварите. Македонија, како носител, за противник ќе го добие победникот од дуелот меѓу Украина и Словачка, што претставува уште една поволност која произлезе од добриот настап на шампионатот.
Бараж натпреварите се закажани да се одиграат во средината на мај.





