14/06/2026

Мистерија во Бугарија: Шестмина убиени поврзани со еколошка НВО, истрагата оди и во насока на култ

ChatGPT Image Feb 8 2026 08 54 55 PM

Бугарските власти истражуваат убиство на шест лица поврзани со еколошка невладина организација, а полицијата соопшти дека се разгледуваат повеќе верзии за настаните, вклучително и можноста злосторствата да се поврзани со култ.

На почетокот на февруари беа пронајдени три тела во планинска куќа во сопственост на невладина организација, лоцирана во близина на превојот Петрохан. Полицијата тогаш распиша потерница по тројца осомничени, меѓу кои и директорот на организацијата и сопственик на куќата, Ивајло Калушев, кој, според информациите, избегал од местото на злосторството.

Според бугарските медиуми, денеска Калушев, 15-годишно момче и 22-годишен маж биле пронајдени убиени во камп-приколка во шумска област, а телата случајно ги открил овчар. Подрачјето е целосно опколено, а истражните дејствија се во тек.

Вршителот на должноста главен обвинител на Бугарија, Борислав Сарафов, случајот го опиша како „колиба на ужасите“, споредувајќи го со серијата „Твин Пикс“, наведувајќи дека е шокиран не само од убиствата, туку и од начинот на дејствување на организацијата, која, како што рече, се обидела да ја замени улогата на државата.

Во близина на колибата биле пронајдени голем број парчиња огнено оружје, а објектот бил силно обезбеден со огради, камери, бариери и опрема за надзор, вклучувајќи и дронови. Лицата кои живееле таму тврделе дека „ја штитат природата“, но често ги запирале туристите и локалното население, барајќи лични документи и ограничувајќи пристап.

Истражителите се сомневаат дека невладината организација е поврзана со култ во кој биле вклучени и тинејџери и деца. Истрагата продолжува, а мотивите и целосната позадина на случајот сè уште се утврдуваат.