Општина Македонска Каменица упати известување до сите угостители кои за време на одржувањето на настаните на градскиот плоштад имаа поставено свои штандови, маси, фрижидери и друга опрема, со барање во текот на денешниот ден целосно да ја ослободат јавната површина.
Од Општината посочуваат дека покрај поставената опрема и материјалите, потребно е веднаш да биде отстранет и преостанатиот отпад.

„Кесите со отпад не смее да се оставаат надвор од садовите за отпад, бидејќи со тоа се создава дополнителен неред и се загрозува чистотата на јавната површина“, се наведува во известувањето.
По завршувањето на настаните поминаа два дена, а градскиот плоштад сè уште не е целосно ослободен и оставен во состојба во која треба да биде по завршувањето на манифестацијата. Дополнително, невремето во текот на ноќта ја влошило состојбата и создало дополнителен неред.
Од Општина Македонска Каменица очекуваат најдоцна до крајот на денешниот ден секој од угостителите да ја исчисти и ослободи површината што ја користел, за утре Јавното претпријатие да може непречено да изврши целосно чистење на градскиот плоштад.
„Користењето на јавна површина подразбира и одговорност за нејзино оставање во уредна и чиста состојба. Ве молиме ова известување да го сфатите сериозно и да постапите без одлагање“, се наведува во известувањето на Општина Македонска Каменица.






