Градоначалничката на Општина Македонска Каменица, Соња Стаменкова, денес во Белица, Република Бугарија, оствари работна средба со градоначалникот на Белица, Радослав Ревански, градоначалникот на Јакоруда, Мехмед Вакљов и градоначалникот на Карбинци, Виктор Паунов, во рамки на прекуграничниот проект ALLURE.

На средбата се разговараше за реализацијата на предвидените активности и продолжувањето на соработката меѓу партнерските општини.
За Македонска Каменица, проектот ALLURE носи конкретни активности во насока на развој на активниот туризам. Предвидена е реализација на планинска велосипедска патека во должина од 26,1 километри, како и набавка на пет електрични планински велосипеди.
Со реализацијата на овие активности се очекува да се создадат дополнителни можности за развој на активниот и одржлив туризам и подобро искористување на природните потенцијали на Македонска Каменица.
Проектот е насочен и кон поврзување и промоција на природното и културното наследство од двете страни на границата, како и кон поддршка на праведната транзиција и развојот на локалната економија.
Прекуграничната соработка меѓу партнерските општини треба да придонесе за создавање нови туристички содржини и можности за локален развој.






