Општина Македонска Каменица упати апел до граѓаните пред почетокот на засилените инспекциски контроли што во наредниот период ќе се спроведуваат на територијата на општината.
Од Општината информираат дека, по склучувањето на Договорот за меѓуопштинска соработка со Општина Делчево за вршење инспекциски надзор од областа на животната средина, ќе започнат засилени контроли со цел подобрување на комуналниот ред и заштита на јавните површини.

Контролите ќе бидат насочени кон отстранување на хаварисани, нерегистрирани и напуштени возила од јавни површини, отстранување на огревни дрва, градежен материјал, отпад и други предмети оставени на јавни површини, спречување на загадувањето и нарушувањето на јавната чистота, како и контрола на одгледувањето и чувањето домашни животни спротивно на законските и општинските прописи.
Општината ги повикува граѓаните, како и правните и физичките лица, во рок од седум дена доброволно да ги отстранат утврдените неправилности и да постапат согласно важечките прописи.
По истекот на рокот ќе следуваат засилени инспекциски контроли и преземање мерки согласно законските овластувања.
Од Општина Македонска Каменица апелираат со одговорно однесување и почитување на комуналниот ред сите заеднички да придонесат за почиста, побезбедна и поздрава животна средина.






