
Територијата на Македонија во текот на оваа седмица ќе биде под влијание на топол антициклон, односно поле со висок воздушен притисок од југ, што ќе донесе стабилно и претежно суво време со повеќе сончеви периоди.
Иако повремено и локално ќе има зголемување на облачноста, времето ќе биде значително потопло од просекот за почетокот на март. Температурите ќе бидат пролетни, а особено во Повардарието и во југоисточните предели тие ќе достигнуваат и до 20 степени.
Во Скопје и околината, максималната температура ќе се искачи до околу 15 степени, а на места можно е и да ја надмине оваа вредност.
Пораст на температурите ќе има и во ноќните и во утринските часови. Сепак, во дел од Македонија, особено на повисоките и планинските места, температурите и понатаму повремено ќе се спуштаат неколку степени под нулата, при што ќе има појава на слаб утрински мраз.
По зимските утрински минуси, ова ќе биде вистинско пролетно освежување.


