
Денес, недела (15 февруари 2026), поради влијанието на длабок циклонски систем со центар над Џеновскиот залив, целата територија на Македонија се наоѓа во жолта предупредувачка фаза.
Се очекуваат обилни и поројни врнежи од дожд, проследени со локални грмежи, како и засилен јужен и југоисточен ветер кој повремено и на одделни места ќе достигнува брзина и над 60 км/час.
На планините над 1400–1500 метри надморска височина, особено во западните и северозападните делови од Македонија, врнежите ќе бидат од дожд и снег, односно влажен снег.
Локално се очекува да наврнат над 30 литри воден талог на метар квадратен во рок од 24 часа. На поединечни места атмосферските процеси може да бидат поинтензивни и да се манифестираат во форма на невреме.
Поради новите обилни врнежи, постои зголемен ризик од излевање на реките, особено во западна и северозападна Македонија, каде што врнежите ќе бидат најизразени. Со тоа се зголемува и опасноста од локални поплави.
Се апелира до граѓаните на зголемена внимателност, а особено до возачите да бидат претпазливи во сообраќајот и да избегнуваат движење покрај водотеци и ризични подрачја.





