
Постепена промена на временската состојба се очекува за време на претстојниот викенд, сабота и недела (17 и 18 јануари 2026 година). Територијата на Македонија повторно ќе потпадне под влијание на значително постуден и влажен воздушен бран кој ќе продира од исток и североисток.
Во вакви услови се очекува позначителен пад на температурите, а особено во недела, 18 јануари, кога повремено ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Ветерот најизразен ќе биде долж Повардарието, што дополнително ќе го засили чувството на студ.
Паралелно со заладувањето, ќе се зголеми облачноста и ќе има повремени локални врнежи од дожд и снег во пониските места, додека во повисоките населени места и на планините се очекуваат исклучиво врнежи од снег, со формирање на нова снежна покривка и нејзино проширување.
Во Скопје и околината, во текот на викендот се најавуваат повремени послаби локални врнежи од дожд и снег, а во недела ќе дува умерен до засилен северен ветер.
Утринските температури за време на викендот ќе бидат значително пониски, особено во недела, кога ќе се движат во интервал од -6 до 4 степени. Дневните температури исто така ќе бидат пониски од просекот и ќе се искачуваат од -2 до 6 степени.
Граѓаните се советуваат да бидат внимателни, особено при патување во планинските и повисоките предели поради можни зимски услови на патиштата.





